Мислење од Министерство за животна средина и просторно планирање

Министерот за животна средина и просторно планирање г-дин Абдилаќим Адеми издаде мислење до сите правни лица за постапување со отпад од пакување во Република Македонија.

Во целост Ви го пренесуваме известувањето:

До: Правни лица за постапување со отпад од пакување во Република Македонија

Предмет: Известување

Почитувани,

Заради спроведување на Законот за управување со пакување и отпад од пакување („Службен весник на Република Македонија“ број 161/09, 17/11, 47/11, 136/11, 6/12 и 39/12), и за постигнување на националните цели, Министерството за животна средина и просторно планирање Ве известува за следното:

согласно членот 27 став (1) и (2) од горенаведениот закон, Правното лице за постапување со отпадот од пакување (во понатамошниот текст: Колективен постапувач) е должно за отпадот од пакување кој го собира или презема во текот на една календарска година, да води евиденција и најдоцна до 31 март 2012 година до Министерството за животна средина и просторно планирање да достави годишен извештај со кој ќе докаже дека со собирањето, повторната употреба, преработката или отстранувањето се постигнати Националните цели за постапување со отпад од пакување кои за 2011 година согласно член 67 став (2) изнесуваат 20% од тежината што е определена во членот 35 став (1) алиена а) и б) од Законот. Гореспоменатиот извештај треба да биде одобрен од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од 60 дена од денот на приемот на истиот.

Воедно, со цел разјаснување на одредени дилеми кои постојат кај производителите на отпад од пакување, за тоа дали еден производител може да склучи договори за превземање на обврските со повеќе од еден колективен постапувач, укажуваме на фактот дека во Законот за управување со пакување и отпад од пакување не постои одредба со која се забранува тоа. Доколку некој производител има намера да склучи договор за постапување со отпад од пакување со повеќе од еден колективен постапувач, особено треба да се обрне внимание на начинот на евидентирање на количините и видот на создадениот отпад од пакување, како и начинот на известување на колективниот постапувач во однос на постигнатите цели. Ова е со цел да се избегне дупло пресметување на создадените количини на отпад, како и на постигнатите цели.

Со оглед дека оваа можност не беше земена во предвид при изработката на Законот со управување со пакување и отпад од пакување, МЖСПП во наредниот период планира да преземе низа активности кои ќе се однесуваат на изработка на посебен софтвер за производителите и за колективните постапувачи со што би се овозможило подобро водење на евиденција на создадениот отпад од пакување, постигнувањето на целите за постапување со отпад од пакување и поголема контрола од страна на МЖСПП, како врз производителите, така и врз колективните постапувачи.

Известувањето има за цел да се избегне злоупотребата на Потврдата за ослободување од плаќање на надоместокот што се издава од колективните постапувачи врз основа на член 21 став (9) од Законот за управуање со пакување и отпад од пакување, како и уредно да се насочат сите чинители во овој процес се со цел соодветна и правилна примена на Законот за управување со пакување и отпад од пакување.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги подржува Вашите напори во процесот на воспоставување на системот за управување со отпад од пакување со отпад од пакување и Ве охрабрува за постигнување на Националните цели за управување со отпад од пакување во Република Македонија кои ќе придонесуваат кон здрава и чиста животна средина.

Со почит,

Министер

Абдилаќим Адеми