Свечено доделување на лиценцата за управување со отпад од пакување
Министерот за животна средина и просторно планирање г-дин Абдилаќим Адеми, во просториите на Мотел „Слив“ Виница, денеска (19.07.2012) ја додели лиценцата за управување со отпад од пакување на „ЕКО-ПАК ХИТ“ ДОО Кочани. Ова е четврта лиценца од ваков вид, истакна министерот Адеми. Ова значи дека, согласно Законот за пакување и отпад од пакување, „ЕКО-ПАК ХИТ“ ќе поседува дозвола за селекција и преработка на отпадот од амбалажа.
Министерот Адеми на доделувањето истакна дека денешниот настан ја потврдува заложбата на Министерството за животна средина да обезбеди отвореност на пазарот и да даде повеќе можности за постапување со отпадот од пакување на производителите кои го создаваат истиот.
"Управувањето со отпадот е едно од најважните подрачја од областа на животната средина, кое во исто време нуди заштита на природните ресурси но и заштита на животната средина", рече Адеми.
Според Адеми, станува очигледно дека во пракса веќе функционира Законот за управување со отпад и отпад од пакување.
"Овој закон преставува само дел од она што значи управување со отпад, но дава реална можност да се види како постапувањето со отпадот може да биде од корист за повеќе чинители", објасни министерот Адеми.