Еко-Пак Хит ги брендираше возилата за собирање комунален отпад

Со пораката „За чисто и убаво Кочани“ компанијата „Еко-Пак Хит“ ДОО Кочани во соработка со Општина Кочани го продолжува реализирањето на активностите што беа прифатени и од Советот на општината. Возилата за собирање комунален отпад на КЈП „Водовод“ се украсени со прекрасна фотографија на која се гледа централното градско подрачје. Ова е само дела од зацртаните програмски активности, што беа планирани за минатата година, а ќе продолжат и годинава.

Во моментов брендираме три возила , поставуваме табли во централното градско подрачје кај контејнерите за собирање отпад од пакување, донираме работна облека за РЕ „Комунална хигиена“, а градската депонија ја оградуваме, комплетно со мрежа, за да не можат да влегуваат луѓе без дозвола за работа на депонијата. Со тоа, заедно со Општината, со „Водовод“ и со фирмите кои работат кај нас, сакаме во рамките на системот да ги вклучиме сите неформални собирачи со цел да обезбедиме почиста и поубава животна средина.

Брендираните возила со пораката за поубаво и почисто Кочани веќе се ставени во промет, а слични активности „Еко-Пак Хит“ планира да спроведе и со другите комунални претпријатија во регионот. Идејата беше ставена во Програмата што беше одобрена од Советот на Општина Кочани и за 2013 година веќе се заокружени сите активности во вредност од околу 300 илјади денари, односно превземени се неколку чекори со КЈП „Водовод“ Кочани, како и со комуналните претпријатија во другите општини, но сакавме почетокот да биде од нашиот град.